Иницијатива „Кооперација“ – активна уметност наспроти централизираните културни политики >>> Студентско списание „Излез“
(објавено на www.izlez.mk на 01.07.2014)
За членовите на оваа независна културна иницијатива, „Кооперација“ е приказна раскажана во делови. Конкретна акција заснована на старата добра интеракција со ближниот. Обид за реанимација на градот. Повик за дијалог. Декларација на слободниот граѓанин. Окупирање на привремено слободни простори. Дружење. Ресетирање.
За публиката што ги следи нивните настани, пак, „Кооперација“ е причина да се излезе „у град“. Да се пронајде некое затскриено сокаче и токму таму да се размени збор-два за најновото од македонската уметничка сцена, за делата, за живеачката. Пред сè, да се увидат начините на кои уметноста, рака во рака со своите креатори, преживува во и надвор од морето од институционални рамки и табори, замрсените релации уметност – публика, уметност – автономија и уметност – сцена.
Формално дефинирано, „Кооперација“ е иницијатива поведена од самофинансирана група автори што изложуваат дела и организираат настани на привремено слободни простори, настрана од какво било покровителство на формалните институции за култура. Секој настан е околу некоја идеја што поведува интересни прашања од поширок, општествено-политички контекст. Колку за илустрација, една од изложбите, насловена „Реидентификација“, го постави акцентот на идентитетските обележја и на соодносот на јавното со анонимното, во контекст на релацијата естетско – политичко.
Неодамна се навршија две години од оформувањето на „Кооперација“. Првата изложба беше отворена на 11 април 2012 година и оттогаш оваа група уметници се огласува одвреме-навреме низ градот со интересни изложби, поткрепени со уште поинтересен политичко-филозофски концепт. За подетални информации за севкупните досегашни активности, може да ја разгледате официјалната интернет-страница.
За иницијативата и за суштината на нејзиното досегашно функционирање, поразговаравме со Владимир Јанчевски, член на „Кооперација“.
Дали сметате дека креирањето една ваква средина (вонинституционална, непомпезна, непосредна, нефиксирана) за виреење на уметноста е всушност креирање природна средина, т.е средина што ѝ овозможува на самата современа уметност да се изрази и да се доживее во полнота? Или повеќе станува збор за наметнатост, за императивната потреба уметникот да се изрази на токму ваков начин, поради немањето избор. Веројатно во самото јадро на идејата се содржи еден своевиден изблик на бунт и на револт кон затвореноста за соработка од страна на институциите…?
Појавата на вонинституционалните практики е само еден од директните показатели за слабото функционирање на институциите на културата во најширока смисла и директен израз на незадоволството кај активните чинители за многу прашања што директно или индиректно се однесуваат на уметноста. Иако таквиот однос на институциите дејствува сериозно демотивирачки, логично е да се очекува уметниците сами да побараат алтернативи. Поимот уметност многу често се употребува по инерција и се заборава дека опфаќа многу различни и често спротивставени практики, кои се надоврзуваат на различни традиции. Тоа што живееме во ера на неминовна плуралност е една од основните причини поради кои се неопходни отвореност за споредување на вредностите и подготвеност за аргументирана дебата, но за тоа треба да се овозможат пристојни услови. Поентата е постојано да го поставуваме прашањето за условите во кои се создава, презентира, восприма и се интерпретира сето она што го карактеризираме како уметност или како културна продукција. И, воопшто не треба да чуди што современата уметност сè поизразено се фокусира на тие тематики поврзани со општествените односи, пред сè затоа што сурово се негираат нејзината критичка димензија и потенцијал. Можеби најважно е, за почеток, да се напушти позицијата на утврдени и непроменливи знаења и вредности, а целта секако е да се овозможи да бидат слушнати различните можни одговори за тоа како би можело да се преуреди системот за тој подобро да функционира.
Обично не се работи толку за немањето избор, туку за мошне ниските стандарди што ги нудат галериските институции. Вонинституционалното дејствување значи соочување со сериозни просторни, технички и финансиски ограничувања, но тоа подразбира и поголем степен на контрола и на слобода кај уметниците за сопствената презентација, а со тоа и поголем степен на непосредна одговорност.
Првите чекори се констатирање на состојбите и лоцирање на најпроблематичните точки, а секако и изразување на свесноста дека, ако сакаме подобри услови, мора сами да се избориме за тоа; или со постојан притисок врз институциите или надвор од нив. Културата одамна ги изгуби привилегираната позиција на општествена неопходност и можноста да се оправда или да се одбрани како „општо добро“, пред сè затоа што таквиот тотализирачки дискурс често бил и може да биде маска за сериозни манипулации и изговор за „оправдано“ исклучување од системот и од економијата на вредностите. Институциите не се целосно затворени за соработка, но проблематични се нивниот однос кон отвореноста и начините на кои таа делумна и незаинтересирана отвореност често се злоупотребува и оди на штета на современата продукција, на нејзината презентација, а оттука и на нејзиниот прием кај пошироката јавност. Најчесто, инертноста, техничката неопременост и малите буџети за реализација на изложбите во самите институции се причини за слабата посетеност. Притоа, во последните години сè позабележливо и на голема врата, како национален приоритет, се промовира еден тип традиционална уметност со многу низок квалитет, а се оставаат само случајни процепи за сите други уметнички практики, а приори означувани како маргинални. Една најпроста статистика може јасно да покаже дека станува збор за сериозна дискриминација, која се затскрива зад серија наследени критериуми, некритички проследени до денес поради инерција и невложување во соодветен кадар. Пошироката јавност можеби е зачудена што некогаш толку гласно се дебатира на теми што се насочени кон допирните точки на естетиката и на политиката, но мора да се сфати дека станува збор за големи влогови, токму онаму каде што тие две области се неодвоиви. Таквиот бирократизирачки и инструментализирачки однос кон уметноста, најчесто сфатена како декорација, како завет за одржување некаква традиција или пак како пропагандна алатка, покажува или целосно неразбирање или обид за асимилација на разнородните практики на уметноста, а особено на нејзините критички и еманципаторски капацитети. Креативниот потенцијал има потреба од циркулација, која, ако се сопира насила, ќе избива на начини и во форми што ќе бидат целосно неочекувани. Отпорот, кој е забележлив, е насочен и кон бизарните романтични навраќања кон минатото, кои не само што може да бидат сфатени како бегство од реалноста туку пред сè имаат тенденција за сеопфатност и се обидуваат да ги потиснат или да ги исклучат сите обиди за критичка реинтерпретација на стварноста. Преку уметноста може да се освои независност, барем симболична, виртуелна. Меѓутоа, дури и како таква, таа има потенцијал да испрати силна порака, а неретко и да инспирира иницијативи и движења што може да доведат до порадикална општествена промена, избегнувајќи ја контролата на големите политички блокови.
Како би го оцениле влијанието на независните иницијативи врз креирањето на културните политики, како и во однос на публиката и на развојот на критичката мисла?
Независните иницијативи несомнено покриваат голем дел од севкупната културна понуда и најчесто станува збор за проекти што се занимаваат со теми за кои едвај може да се очекува да бидат иницирани од државните институции. Меѓутоа, и покрај фактот дека постојат многу обиди и добра волја однадвор да им се помогне на институциите системски да го подобрат своето функционирање, за жал, најчесто таквите обиди за воспоставување постабилна и подолгорочна соработка се неуспешни, особено поради тоа што на тој начин би станале појасни причините за нефункционалноста на одредени државни институции, како и за некомпетентноста на одредени директори и на добар дел од стручниот кадар. Вистинска штета е што на тој начин се пропушта шансата тие конечно да бидат принудени да се насочат кон програмски активности што својата валоризација би ја добиле во споредбите со сродни институции од поширокиот регион.
Ако институциите тврдоглаво се опираат на промените чија цел е поголема поддршка на оние заради кои постојат – уметниците и културните работници и публиката што не е пасивна и што сака предизвици – тогаш не е чудно што се појавуваат толку вонинституционални иницијативи. Нивното значење не е за потценување, посебно поради фактот што, и покрај многуте ограничувања (технички и финансиски), се покажуваат поподготвени да поттикнат пожива и поотворена соработка со други слични иницијативи и групи од регионот, надминувајќи ја тесната национална рамка. Креативниот потенцијал не може да чека на милоста на оние што раководат со институциите, кои се презафатени со спроведување проблематични национални политики диригирани од лоши интерпретации на традицијата, кои, се разбира, не наишле, а нема ни да наидат, на никаква меѓународна валоризација.
За развојот на критичката мисла се потребни волја и напор, но и средства. Тоа сигурно не може да се мотивира со пласирање проблематични „вечни вредности“ и со затскривање зад традиција и зад канони, нешта што притоа сме условени да ги плаќаме заеднички. Образовниот систем, онака како што е поставен, не ги подготвува граѓаните за интелектуален напор и за валоризација во јавната сфера преку дебата, туку за постојано анонимно провлекување низ институциите на системот.
Како би ги опишале борбата на уметникот, како креатор на субјективните творечки побуди, и неговата неизбежна тенденција да се контекстуализира, да се вивисецира и да се диференцира во однос на разноразни референтни точки на таканаречениот колективен идентитет и на идеологизирањето, во време кога самите идеолошки категории се во процес на изумирање?
Ако нешто е сигурно, тоа е дека борбата на уметникот е неопходна, бидејќи тоа е пред сè борба за основниот предуслов за јавната сфера како простор за изразување, како контактна точка со потенцијалната публика. А без таа комуникација, уметноста не може да се случи.
Уметникот, како и секој човек, поаѓа од сопственото искуство и го гради сопствениот идентитет, како еден динамичен процес исклучиво низ комуникацијата со светот. Уметниците низ историјата покажале извонредно чувство за соживување и за сочувство, раскажувајќи и покажувајќи реални случувања, создавајќи фиктивни ситуации, ликови и приказни, кои на многу сугестивен начин откриваат работи за светот и на ефективен начин допираат до публиката и кои неслучајно биле забележани и зачувани како вредности. Точно е дека сите тие уметници на некој начин се производ на времето и на средината и произлегуваат од нив, но нивниот идентитет се нивниот индивидуален поглед на светот, секогаш привремен и променлив, и неговото конструирање низ уметноста. Секако, тие наследени вредности не треба механички да се репродуцираат и да бидат крајна точка и со тоа пречка, туку да инспирираат и да придвижат откривање нови вредности, сообразени со современите потреби и со прашањата што се важни за поефикасно уредување на современите општествени односи. Обично сакаме да веруваме дека уметноста, дефинирана токму како една позитивна и неопходна „аномалија“, мора да постои за да се предупредува системот, кога постои опасност од негативни последици. Во реалполитиката денес, антитетичноста на левицата и на десницата е илузија, тие сè се поблиску до центарот и по потреба ја пречекоруваат границата за опортунистички да си приграбат од историски наследениот простор. Идеологиите во чиста, изворна форма се во изумирање токму поради фактот дека не можеле да одговорат на потребите на реалноста како што верувале или пропагирале без да генерираат нови неправди и конфликти. Тие се тотализирачки визии што се несоодветни за современиот плурализам. Меѓутоа, ништо подобри не се ни повремено хибридизираните модели, кои врз принципот на двојни стандарди може да се користат за оправдување на приграбувањето на јавните средства и на општествената сопственост. За културата и за уметноста се подеднакво лоши и тенденциозно насочените субвенции, но и некрофилскиот „слободен“ пазар, кој обично намерно доцни со апропријацијата на вредностите откако тие ќе бидат, помалку или повеќе, потврдени и со тоа квалификувани како добра инвестиција. И не дека тоа е знаење што им е достапно само на мал број привилегирани, туку, за жал, огромно мнозинство е подложно на слепа верба во вечни категории, еднаш засекогаш дадени и непроменливи. Во едно демкоратско општество, дури и демократијата непречено да се практикува, што ретко е случај, а особено ако буквално се сфаќа, неизбежно е да бидеме осудени мнозинството постојано да врши терор врз многубројните помали групи. Истото се однесува и на капиталот и на тенденцијата за негова акумулација, што е причина за сè поголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните. И затоа конфликтот е неизбежен. Ако се нема визија за важноста на признавањето и на заштитата на различноста и за правото на сите да бидат дел од јавната сфера и од јавните средства, таквото потиснување неизбежно доведува до отпор. Тука, на таа маргина, секако спаѓаат и уметниците, а посебно оние што сериозно се занимаваат со разбивање на бариерите во јавната сфера и на нетранспарентноста. Живееме во време на чиста политичка прагма, во најпогана смисла, која е насочена кон обезбедување мнозинска поддршка или кон злоупотреба на различни инструменти на моќта за располагање со заедничките јавни средства, со кои повторно се обезбедува истото доволно мнозинство. Токму таквата силно изразена волја за владеење, под маската на јавниот интерес, не дозволува поместување од постојниот статус, кој одговара на веќе позиционираните политички и деловни елити. Задушувањето на плурализмот, на долг рок, е на штета на сите. Историското искуство не учи дека не е воопшто лесно да се напушти провинцијаната свест, токму поради тоа што секогаш е полесно да се остане во место. Иако уметноста низ историјата покажала дека може да се издигне и над најтешките околности и да создаде вредни дела со потенцијал да инспирираат борба за промени, жално е ако денес, и покрај сите технолошки достигнувања и големото историско искуство, не успеваме да дојдеме до ситуација во која би имале можност да видиме како би било кога условите во кои се создава, презентира, комуницира и се интерпретира и се проучува уметноста, би биле, ако не совршено еднакви за сите, барем малку поправедни. Додека едни се грабаат за власт, а други пасивно стојат настрана, за нас се најважни третите, кои напорно работат и вложуваат во себе, кои добронамерно го критикуваат системот обидувајќи се да понудат некакви алтернативи и да создадат некакви вредности и кои овозможуваат континуитет на еден дискурс што се засновува на плуралност и изнаоѓање модели за надминување или за ублажување на судирите. Единствен мотив останува уверувањето дека тие вредности можеби ќе бидат препознаени и соодветно вреднувани и надградувани и дека ќе можат, ако не сега, тогаш во догледна иднина, и колективно да нè издигнат над бедата што ја генерираат сегашниот политички дилетантизам, опортунизам и некултура.
Разговараше: Јана Колева