Точки, текст на Борјан Заревски
ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ : Уметноста како анти-хегемониска пропаганда“ – изложба организирана од Кооперација
Изложбата, за жал, не ја видов. Ниту поразговарав со уметниците, а сакав. Километарска фрустрација, цајтнот, транзиција… you name it ! Но барем насловот ме испровоцира да интервенирам апроксимативно, нудејќи ми ги истовремено клучните зборови : кооперација, пропаганда, хегемонија, точка на топење. Зборови што ме провоцираат затоа што не сум ги работел, а ми биле на to do листата. Незаинтересиран да мислам и зборувам за работи што ми се јасни или што сум ги сработил, ете, ми се отвори ситуација да зборувам за изложба што не сум ја посетил, со концепти што не сум ги научил. Уметноста во овој случај е „стоп збор“, „празен“, што нема да го третирам – во една дистрибуција на текстови каде што се зборува за уметност се појавува со, горе доле, подеднаква фреквенција и неговата сѐприсутност не ми овозможува дискриминација помеѓу текстовите што би ги пребарувал да го напишам овој; – зборот не би бил „сигнификативен“, па нема да го вклучам во листата, а и познат ми е, а и текстов би испаднал премногу долг. Но ќе додадам еден што го нема во насловот : провокација. Па така, ако некои зборови ви се досадни, внимавајќи на болд поднасловите, можете некој да прескокнете, или барем ќе знаете до кај сте стигнале и колку останало, ако веќе сте решиле да го исчитате овој текст до крај.
Со ненамерен хумор, во почетокот на книгата „Делта“ од неговата Метафизика, зборувајќи баш за „почетокот“, Аристотел вели дека понекогаш не треба да се почне од почеток. Па ! – ако веќе бираме, можеме да почнеме било каде, „само да има почеток, средина и крај, по било кој ред“, – à la Godard.
„Ако ти е мозокот најдобар пријател, ич не ти треба непријател.“ вели еден анонимен лик, налактен, во една кратка, кафеанска приказна.
Можеме да кажеме дека науката, филозофијата и уметноста како заеднички именител го имаат двоумењето, посебно кога сакаат да се справат со несигурноста (uncertanity) својствена на светов, то ест, погледнато од спротивниот агол, кога се справуваат со догматизмот и својствената му (само)увереност. И дека мозокот, поради својствената му структура и начин на преработување на информациите, не им е баш најдобар помошник на науките и уметностите.
Од сите возможни предрасуди, самоизмами, други видови на фикции и слепи точки, најсилни се оние каде што се комбинираат когнитивните со механизмите на личната мотивација и засегнатост.
Не би губел време со влијанието на личната засегнатост врз нашата способност за расудување и делување, но ако се сопреме малку на когнитивните процеси, читајќи : “уметникот тој и тој е чувствителен, интелигентен, работлив, самокритичен, импулсивен, тврдоглав и завидлив.“ ќе забележиме дека реченицата ни оставила позитивен впечаток за личноста за која што станува збор, базирајќи се на местото на позитивната информација. Поедноставено кажано, изгледа дека првите елементи во една серија на иформации оставаат посилен траг во работната меморија. А и во трајната. А и Фројд ги нагласува првобитните „инграми“.
Истиот експеримент пренесен во визуелното поле би изгледал овака: на испитаниците им се проектира слајд-шоу од некој предмет, сосема заматен на првиот слајд, но сѐ појасен и појасен во секој следен. По секој слајд испитаниците треба да погаѓаат за кој предмет се работи. Учесниците во експериментот кои што уште при раните обиди да се погоди погрешно го идентифицирале предметот, грешат поупорно и подолго од другите, останувајќи во заблуда дури и кога резолуцијата и фокусот на сликата на предметот се доволно јасни за да сите останати учесници погодат правилно.
Всушност, испаѓа дека мозокот, поради неговата структура, функционира статистички, со алгоритмот на бајесовската инференција – соочен со нова информација ја споредува со претходната, со тенденција разликата да го потврди претходно присутното знаење. Како да имаме некој вид на машина за прозводство на догми и традиционални вредности, која што постојано ја носиме со себе, згора, на рамениците. Исто како кога некој сака да излезе со девојка што има репутација за „лесно“ поведение, бидејќи приказните имаат тенденција да се повторуваат. Патем, порно индустријата е често употребувана како доказ дека мозокот е глупав или барем заостанат – да беше чедо на своето време, ќе разликуваше фотографија од вистинска прилика за секс. До скоро не ни знаев дека дури и макаки мајмуните плаќаат (со банани) да гледаат порно. И плаќаат да не гледаат видеа со инфериорни мајмуни.
Во истиот регистар на когнитивни хендикепи би можеле да ја спомнеме апофенијата – стремежот да се видат сличности во неповрзани теркови (коцкарите и кабалистите се специјалисти), припишувањето на интенциjа на неанимирани објекти (поповите и децата се специјалисти) и когнитивната дисонанца – нетрпеливоста према противречните информации (сосема полицијски и понекогаш професорски). Политиката на стремежот кон елегантни и едноставни дефиниции, посебно во социјалните сфери, на кои што Бурдје, меѓу другите, предупредува, е од истата фиока.
Но како воопшто научниците, уметниците и останатите поети успеваат да излезат од еден претпоставен, невролошки нужен и посакуван систем на предвидливи, закатанчени, симетрични, навидум или навистина кохерентни, воспокојувачки, со граматика исковани и во традицијата искалени концепти ?
Неотенијата или хетерохронијата кај човекот би била зачувувањето на јувенилните црти доцна во животот – неговата способност да учи и да си игра, иако навлезен во „позрели“ години. Или, со други зборови, способноста да се поигрува со правилата на сопствената цивилизираност е дел од човековиот биолошки арсенал. Од друга страна, инфантилноста не прави подложни на авторитетот. Спремни да го имитираме „посилниот“, то ест поголемиот, додека евентуално не посакаме да му покажеме шипак. Или креативно. Па ајде јово наново.
Сакам овие напабирчени примери да ги вметнам како елементи на биополитичката мисла, затоа што, мислам и се надевам, го реафирмираат интересот за дарвинизмот, социобиологијата и другите познати и „застарени“, или инкриминирани теории, ставајќи нов „сигурносен“ периметар, со Фуко или Агамбен како „кредитно способни“ потписници. Лево ориентираните, вообичано академски мислители, долго време ќе го побркуваат био-фашизмот, расистичките и останати краниологии со суштината на пост-дарвинистичката мисла и ќе ја елиминираат од универзитетската и политички коректна сфера секоја инсинуација на некаков биолошки детерминизам. Етички привлечно, до точка од која не може да се согледа дека биосферата не е детерменистички регулирана. И дека изворната, критична мисла која со нив се занимава не пропагира генетска, или поинаква, предетерминираност. Правила има, но нивниот број, можноста на комбинации, како и случајноста, се генератор на евидентна разновидност (биолошка, лингвистичка или културна). Се заборава дека (за мене најимпресивниот) заклучокот на дарвинизмот е отсуството на финалитетот во еволуцијата на биосферата. Дека животот не „сака“ да преживее. Дека нашата хиерархичност или егалитарност не се метафизички по природа, дадени од господ или со некоја скриена рационална суштина која ќе се открие на крајот на историјата. Биополитиката, сосема хипстерски, успеа да го направи био-префиксот повторно „достоен“ за мислење, дури авангарден. Можеше и полошо да испадне. А испаѓа дека човекот е хардверски креативен. И дека креативноста е хардверски политична. Тоа е нашиот Hard Power и истовремено, нашата хардверска слепа точка, една од ретките универзални… „допирни точки“.
Дека моќта на хиерархијскиот врв е на дело на сосема биополитички начин, директно во зоо-лошкото ткиво (ако ја почитуваме разликата зое/биос, можеби би требало да зборуваме за зоополитика), историјски порано отколку што тоа Фуко ќе го идентификува, е видливо во примерот на мозокот кај човекот, којшто, според фосилните докази, се смалува последниве 10 000 години, губејќи, со текот на времето, некои 150 кубни сантиметри. Смалување кое започнува истовремено со појавата на хиерархијата кај луѓето, коишто дотогаш живееле во егалитарни заедници. Некои научници смалувањето на мозокот го доведуваат во врска со неолитската промена на исхрана, верувам погрешно, како што тоа може да се согледа од следниот пример: смалувањето на мозокот е исто така документирано кај секој вид на животно коешто е припитомено од страна на човекот, кога ќе се спореди со неприпитомената варијанта, а припитомените не го промениле начинот на исхрана. Џаред Дајмонд вели дека луѓето успеале да ги припитомат само тие животински врсти коишто веќе природно биле наштелувани за послушност, имајќи сопствена хиерархија, па така, можеме да воспоставиме корелација меѓу човековото авто-припитимување, послушноста, намалувањето на мозокот и резултатите на современата политичка економија. А кога ќе прочитам дека намалувањето на нашиот мозок не значи дека сме помалку интелигентни, и дека мозокот еволуирал последните 10 000 години да биде поефикасен со помал број неурони и помалку енергија, не велам дека не е така, но знам дека тој што го напишал тоа не знае што зборува; состојбата на невро-науките денес не дозволуваат таков заклучок. Навраќајќи се на порно видеата од погоре, би требало да знаете дека колку субкортикалната структура стриатум ви е помала толку повеќе гледате порно видеа. И дека, на прво место, мозокот воопшто не ни еволуирал за да мислиме со него. Да помислиме такво нешто би личело на мислењето дека слоновата коска еволуирала да се прават од неа клавирски дирки.
И така… гледајќи ги преку прозорец зградите околу мене, ритамот со кои се палат и гасат светлата, не можам а да не помислам на кокошарник. Ама затоа, од друга страна, имаме богат, некомфорен, внатрешен живот. Ќе помислам на реченицата со која обвинителот на Грамши го завршил обвинението: „треба да го спречиме овој мозок да функционира“.
Од трета страна, конструкцијата на когнитивно его, незаинтересераниот противник на личните, класните, институционалните, националните, лингвистичките и други приказни е поинаква приказна. Soft Power приказна. Почнувајќи, наопачки, со деконструкцијата, отстранение- то и thaumazein, кои се иста приказна.
Не се сеќавам баш кој говорник на ТЕД, веројатно професор, кажа дека креативноста треба да ја третираме со исто внимание како и описменувањето. И дека во основата на креативноста е отсуството на стравот од грешката. И повторно од друга страна, возможно е дека баш стравот од грешката прави да се воздржуваме со заклучоците (epokhe) и да ја поднесеуваме нелагодноста на когнитивната дисонанца, за да му ја оставиме можноста на секој work in progress и на отвореното дело (opera aperta) некој ден, некаде, нешто да предизвикаат. А можеби не е до стравот, туку големиот избор на информации предизвикуваат отпорност кон разочарувањето кога „вистината“ не ни е при рака.
Креативноста е оружје. Знаењето е оружје. Но какво знаење ни недостасува? Или подобро да прашав, какво оружје ни недостасува ?
КООПЕРАЦИЈА
„На малубројните коишто со задоволство го расплеткуваат исткаеното и го расткајуваат преплетеното им се спротивставува истотака еден мал број… уметници ! –коишто плетат нови јазли до бесконечност; – меѓу нив нема индиферентност, но, како и да е, исткаеното и јазлите се секогаш малку нечитливи, затоа што многу раце се вмешале.“ Оваа псеудо-парафраза на/од „Човечки, премногу човечки“, ме потсети на Пенелопа, ама сега нема да цапам по тој пат, затоа што, во некоја рака, сакав само да ја спротивставам на еден цитат, од еден голем фејкер – според Кејнс (баш тој… економистот), имено од Видроу Вилсон, америчкиот претседател (не е фејкер поради цитатов, посебно ако го извадиме од контекст).
„Највисокиот и најдобриот вид на ефикасност е производ на кооперацијата помеѓу слободните луѓе.“ Според овој Вилсон, кооперацијата е најефикасен метод, што, од трета рака, е спротивставено на тезата дека акефалната (без шеф)соработка е побавна и понеефикасна од хиерархиризаната, упатство што можеме да го најдеме во многубројни претседателски, воени или менаџерски MBA прирачници.
Овие примери од втора рака (second hand), само приближно објаснуваат зошто зборот кооперација ме предизвика да зборувам за уметничката соработка, која е поинаква од соработката во биолошката или економската сфера. Последнава е дадена како пра-пример за соработка кога се „прават“ пари , а првата е употребувана во одбрана на анархизмот, кога Кропоткин се спротивставува на тогаш доминантната перцепција на дарвинизмот како апологија на колонијалната хегемонија, покажувајќи ги примерите на соработката во „животинското царство“.
Пред некоја година, барајќи матерјал за еден краток филм, налетав на веб страната „Естетиката на комуникацијата“, (комуникација е збор што во прирачниците и учебниците ќе го замени зборот пропаганда, за да пропагандата стане покомуникативна), и тоа ми беше почетна точка во запознавањето со „делото“ на Фред Форест (за него беше филмот, уметник хактивист, пират узурпатор, со други зборови) и Марио Коста, теоретичар. Најкратко и срамно упростено кажано, естетиката на комуникацијата е резултат на комбинаторика од три фактора: рекламата, социологијата и естетиката. Рекламата како (економска) пропаганда, то ест (зло)употреба на просторот наменет за економска пропаганда (телевизијска и во печатот) за потребите на уметноста; социологијата како истражување на конструкцијата на вредноста на уметничкото дело, а и вистината, воопшто земено ; за естетиката знаеме што е, ама бидејќи зборуваме за времето во кое Норберт Винер и МекЛуан се во мода, естетиката е генетски модифицирана (моја зафрканција) – со, преку и поради новите медиуми. Како ефект ја добиваме маргинализацијата на маргинализаторот – традиционалните институции во уметничкиот свет. Понатаму Фред Форест ќе ме запознае со Олга Киселева, уметник и професор од Русија, којашто пишува во своите интер-есеи за сајбер-уметноста како форма на дијалог, со осврт кон најновите технологии. Овие два автора, „релационалната естетика“ – „новиот вид“ на политичка уметност на Никола Бурио, којашто не се реализира нужно во матерјален објект, туку остава трагови, како и сопствената пракса ќе ме доведат да ја ставам на to do, всушност to think листата, „естетиката на кооперацијата“, каде што се наоѓа веќе некое време, ковајќи концепти за колективно авторство, анархива, креативен плагијат, коавторот како врата преку која грешката, случајот (accident и hasard) и непредвидливоста се имплементираат во едно отворено дело, каде што делото е самата соработка.
Во моето пост-хуманистичко согледување, случајноста е фундаменталната структура која претходи на секоја желба, воља или креативна акција. Но тоа ме доведува во нелагодна позиција, во дисонанца со желбата сепак да го сочувам субјектот. Или најверојатно, не сум мислел доволно…
Во светот на анимираниот филм наидуваме на зборовите zwischen phaser, intervallist и inbetweener, за да се дефинира улогата на аниматорот којшто ги исполнува празнините, то ест го црта преминот, интервалот, меѓу две клучни слики (key-frames) што ги прави главниот аниматор, да не речам пренесено – авторот. Но можеме авторите да ги согледаме како интервали меѓу две дела, како и делата како интервали меѓу уметниците… или филозофите, патем биди речено. Уште една нелагодност.
Барт, Бекет, Ронел, Фуко, секој писател на своја рака, зборува за смртта на авторот, кој што можеби е сѐуште интересен, како тема, затоа што, меѓу другото, не престанува да умира.
Во исчекувањето на некои хипотетични friendship studies, а и во секој друг случај, на марксизмот му е потребен некој вид на биополитчки апгрејд, од една страна, да се доразјасни лимитираната пластичност на човековата природа, то ест лимитот на влијанијата на историјско економските зависности, како и на граматиката и културните конструкции врз истата природа, за да од друга страна се разбере лимитираната компатибилност на сите агенти и вектори на креативноста, и на луѓето воопшто, со концептот на кооперацијата, којашто не е само од ова време.
То ест, да се разбере општата некомптатибилност на луѓето, станувајќи збор за било кој универзален политички проект.
Па така, сосема кооперативно, од вас би побарал помош да направам едно дело, кое би се вклопило во една заедничка изложба, што ако прифатите, би ја нарекле „Оружје на Масивна Провокација“. Arme de Provocation Massive, Weapon of Masive Provocation, интернационално напишано. Би сакал, ако сакате, да ги замолите вашите пријатели забари, доколку вадат здрави заби, осмици, наречени уште и „умници“, што ги вадат затоа што, поради икс причини, нема веќе место во вилиците, и откога ќе ги извадат, ако мислат дека нема правен проблем со сопственоста на извадените заби, да ги сочуваат на страна, во некакво кутиче или кофиче, па ќе се договориме како да стигнат до мене. Секој, и најмал придонес (заб), би ми бил важен, бидејќи сакам да соберам еден кубен метар заби, и да ги изложам на изложбата, за чии детали би се договориле. Кубниот метар умници, во плексиглас 1х1 метар, би бил меморијал за 150-те изгубени сантиметри ум, што ги загубивме попат,откога сме со разни видови на политичари и душегрижници во иста еколошка ниша. Благодарам. Однапред.
ХЕГЕМОНИЈА
Можеби требаше понапред да почнам со следниов превод/цитат од една книга, па оттаму да ги изведувам причините за сите наши алтернативни апатии, богат внатрешен живот, изнудена креативност и контра хегемонијски востанија коишто многумина доведоа до смрт со пендрек во „дупот“, да не речам газот.
Се работи за книгата „Трагедија и Надеж“ од Карол Кигли, иљаду страници, и всушност целата приказна околу него е интересна, професор на Бил Клинтон, расправии со издавачот што сигурно добил по прстите што воопшто му ја издал книгата и така натаму. Човекот, според вложениот труд, е од редот на големина на еден Шпенглер или Тојнби.
Студирајќи ги развитокот и падот на цивилизациите, (како подоцна, Џаред Дајмонд) Кигли ќе ја пронајде причината на нивната дезинтеграција во постепената трансформација на општествените „инструменти“ во „институции“, то ест, трансформацијата на социјалните договори чија што функција е да ги задоволат реалните потреби на општеството во институции што се служат со општеството да ги задоволат сопствените потреби, независно од општествените потреби.
И да не должам, Кигли не влегува во категоријата на фасцинираните од конспирации и слично, башка теренски човек.
„Силите на финансијскиот капитализам имаат далекусежна цел, ништо помалку од тоа да створат светски систем на финансијска контрола во приватни раце, способен да го контролира политичкиот систем на секоја држава, а и светската економија во целина. Овој систем би бил контролиран на феудален начин, преку различните централни банки коишто организирано соработуваат, преку тајни договори при приватни состаноци и конференции. Врвот на системот би се наоѓал во Банката за Интернационални Договори во Базел, приватна банка, контролирана и во сопственост на светските централни банки кои што се самите приватни корпорации.“
„[…] Не би требало да се мисли дека шефовите на светските централни банки имаат некаква суштинска власт во светските финансии. Немаат. Би рекле дека тие се техничари и агенти на доминантните инвестициони банкари во сопствените земји, кои ги донесуваат на такви позиции и кои се совршено способни од тие позиции да ги симнат. Суштинската финансијска моќ на светов се наоѓа во рацете на овие инвестициони банкари (наречени уште и интернационални или трговски банкари) коишто остануваат главно зад завесата, во нивните некорпоративни, приватни банки. Тие имаат направено систем на интернационална соработка и доминација во националните рамки која што е посилна, потаинствена и поприватна од таа на нивните агенти во централните банки. Оваа доминација на приватните банкари е базирана на нивната контрола врз протокот на кредитите и инвестициите во нивните земји и светот. Тие можат да го контролираат финансијските и индустријските системи во нивните земји преку нивното влијание врз протекот на парите, преку банковни кредити, стапките на кредитите, реструктурирањето на долговите; тие можат да ги доминираат владите преку контролата на државните долгови и нивната цена на интернационалните пазари. Скоро севкупната моќ е извршувана преку лично влијание и престижот на лицата коишто ја покажале нивната способност во минатото да извршат успешни финансијки трансакции, да го почитуваат дадениот збор, да останат ладнокрвни во период на криза и да ја споделуваат својата добит со нивните партнери.“
Толку за трагичните институции, како што се приватните банки и политичките партии. Иако хегемонијата како поднаслов залужува многу подолг текст, кој би ја објаснил нејзината моќ да генерира систем на вредности, како и самата вредност, финансијска, артистичка или академска, за да можам да го завршам текстов во разумно време, ќе ја оставам темата како предизвик за понатамошен текст. Понатамоќен текст би бил убав збор, ама сеуште не постои. И повеќе би сакал да го прочитам на сто страни, отколку да го пишувам на десет.
Да се вратам… надежта на Кигли се состои во вербата дека западната цивилизација е инклузивна, неплатонска. Верува дека западот ја претпочита различноста пред униформноста, плурализмот пред дуализмот или монизмот, инклузивноста а не ексклузивноста, слободата пред авторитетот, конверзијата пред анихилацијата, вистината, а не моќта, индивидуалноста пред групата, релативизмот пред апсолутните вредности и апроксимативните пред конечните одговори.
Не знам… белешката „Боже Господе, како е само возможно ние постојано да сме во право, а другите постојано да грешат ?“ на Монтескје, запишана во неговите тефтери од 1716 до 1755, легнува како концизна илустрација на свеста за важноста на постојаната самокритична автопсија. Сакав да кажам, Кигли е од запад, нели? Другпат за плурализмот, за хегемонијата станува збор.
Сега, малку за случајните коинциденции, то ест за апофенијата: Авторот на теоријата за транзиција на хегемонијата се вика А. Органски. А Џорџ Моделски (звучат како заебанција, зато и ги одбрав, има и со други имиња) е авторот што вели дека транзицијата се случува на крајот на еден период што трае од 87 до 122 години, при што центарот на хегемонијата менува раце. Сѐ што ни е потребно беше еден органски модел, нели? Што го држиме со една рака.
Не мислам дека решението се состои во чекањето актуелнава хегемонија да се замени со друга или да се навлезе, едно по едно, во анахоризам,secessio plebis, будизам, разни форми на микро политика, инфра политика и други видови на генерални штрајкови и субверзии. Туку со точно знаење и политика на игра со правилата што ние ќе ги одбереме.
Да завршам со хегемонскиов поднаслов забележувајќи: едната од книгите што ми го промени животот, то ест комплетниот начин на мислење за животот, се вика „Политиката кај шимпанзите – сексот и моќта кај мајмуните“ од Франс де Ваал. Финтата е во тоа што не ја прочитав како дел од тогаш планираната лектира, туку ја купив случајно, пред многу години, досадувајќи се на панаѓур, во една богу иза ногу француска провинција, на тезга со разни абажури и дребулии, од ќелав продавач што беше од Русија, а со кого за цената се разбравме на англиски, сакајќи да ги избегнам пансловенските инстант побратимувања. Недостасуваше само да се зацапам во баричката од кучешка мочка, што ја пречекорив, заминувајќи. Како вчера да беше.
Не ме предизвика толку да мислам за „реал политиката“, која што е реална колку и реалната вредност на златото или хартиените пари. Мислам, можевме да одбереме како еталон на вредноста и петрифицирани гомна од пештерски мечки, ако веќе зборуваме за реткоста. Тоа немаше ништо да промени, патем биди речено. Договор е договор, иако, јас лично, ништо не сум се договорил, ама и тоа е друго прашање.
Туку за прљавото во синтагмата „прљава политика“. За коешто не се учи на ниту една катедра за политички науки. А причините не се истите поради кои на православните факултети не се изучува демонологијата. И не мислам на Макиавели, Шун Цу или Чанакја, на нивните -изми.
Има нешто кај политичарите што е многу пониско од макиавелизмот; – спореден со нив мафијашот е витез!
ПРОПАГАНДА
„Секоја уметност е пропаганда, но секоја пропаганда не е уметност“ – вели Орвел, во есејот „Внатре во китот“, пишувајќи за Дикенс. Ако се сетам, ќе го спомнам Орвел подоцна, бидејќи мислам дека ќе беше подобро да почнам за пропагндата со Јордан Костов, кој што еднаш ми раскажуваше како некој ортак од неговата тајфа му се пожалил : А бе Орцо! Се утепавме од свирење, пари нема… што да правиме ? Ќе свириме уште повеќе! – му одговорил Јордан.
Дигресија: Хонорарите на уметникот Фидија биле десет пати помали од тие на филозофот Протагора. Денес би било обратно, повеќекатно. На Сократ и Платон не им требале хонорари, од различни причини. И уште една: ако Исус ми е за нешто симпатичен, тоа е затоа што им удрил камшик на банкарите.
Тоа Јордановото, кое не е само „идемо даље за исте паре“ – ми беше некое време проблем, како за превод, така и во личниот живот, некој вид на заводлив, или можеби умерен, песимизам – инстант коментар за разноразните утки и случки во животот. Гуглајќи го проблемот налетав на интересна книга : „Кој плати за музиката? – ЦИА и Ладната Војна во културата“ од Франс Саундерс. Како прво, да напоменам дека од ставањето на ЦИА во секоја чорба ми се креваат веѓите и обично го менувам каналот… ама ќе налета човек и на понекоја смешка, како коментарот на еден скопски издавач: „во кратенката ЦИА најмногу ме плаши интелигенцијата“- мене доволно.
Неисе, во книгата опширно и прецизно се опишува ангажманот на ЦИА, преку прокси организации, но и директно, да ги шири и наметнува „америчките вредности“ финансирајќи уметници кои навидум немаат никаква врска со било каква идеологија. Ротко на пример. Погледнете го на пример текстот на Ева Кокрофт, „Апстрактниот Експресионизам – оружјето на Ладната Војна“ во Арт Форум од 1974-та, како и улогата на МОМА и другите приватни фондации во таа Soft Power политика на аполитичка култура.
Тоа што го најдов Орвел или Мирча Елиаде на нивниот платен список и не ме изненади толку, како ни отсутвото на Албер Ками. Што налетав на Хана Арент ме изненади, ама човек учи додека е жив, како што, нели, рековме.
Во поново време, во една деклинација на враќањето на истото, под покровителство на Bronx Museum of the Arts, во 2010, програмата smART Power испрати еден уметнички пакет во земјите како што се Кина, Косово, Кенија, Венецуела и Еквадор. Акцентот е врз изборот на земјите.
Се работи за политички мотивирано инвестирање во „аполитичка“ уметност, колку што е тоа воопшто возможно, ако воопшто можеме да помислиме на пример дека џезот е аполитичен.
За „дегенерираната уметност“ на Хитлер, соц-реализмот на Сталин, научната, универзална уметност на ждановизмот нема да збориме, бидејќи познати. А анегдоти колку човек ќе посака; америчкиот републиканец Фред Басби рекол: комунистите и другите екстремисти сакаат да го прикажат америчкиот народ како грд, разочаран, незадоволен со судбината и дека едвај чека да ја промени владата. Во Прага, нешто по втората светска војна, Русите пуштале летки, со бесплатен влез и ветен бесплатен каталог, за изложбата со „советски“ вредности. “„Целта на америчката уметност е да се покаже дека С.А.Д. не се милитаристичка, матерјалистичка и анти-интелектуална нација.“, и така натаму. Единствено Троцки ќе спомне дека нема револуционерна уметност, то ест дека секоја револуционерна уметност е нужно пред-револуционерна. И дека уметноста е слабото крило на револуцијата.
Интересно е дека најстарите документи за писменоста се сметководителски. Глинени таблички со инвентар: ова има волку, она толку. Скоро во исто време се појавуваат монументалните, во камен изделкани, кои се чиста пропаганда: како на пример победата на фараонот Рамзес втори кај Кадеш. Финансиите и пропагандата одат рака под рака, уште од почетоците на културата. Исто интересно, иако за време на француската револуција од уметноста се барало да биде „филозофска“ и ангажирана, во периодот 1789-1799 од некои 3,500 изложени дела, само 130 биле со револуционерна тематика, преку 400 биле со традиционална античка тематика, понатаму 900 биле пејсажи, и преку 500 мртви природи. И кога гиљотината била најразработена, само четири уметника биле ставени во затвор, а глава не му отсекле ниту на еден, иако многумина биле ројалисти со тапија.
Да се навратам на банкарската хегемонија и нивната пропаганда. Во времето на римската република, стотици фамилии коваат свои пари и ги пуштаат во промет, употребувајќи разни теми од римската митологија и историја на лицето и наличието од монетите. Таа пракса ќе трае сѐ додека Цезар не го унифицира ковањето и тематиката и оттогаш до денешен ден парите ќе станат и останат најважен инструмент на политичката борба и пропаганда, основна институција на доминантната класа.
Да го парафразирам сега МекЛуан : парите се пораката. Но парите не се уметност. Затоа што не се креативни. Ништо не ја претставува појасно конзервативноста и догматизмот на системот како таков од парите. Поспецифично, политиката на сочувувањето на вредноста на истите. Доколку сме ги фетишизирале, доколку сме ги инвестирале, ние сме ја усвојиле главната пропагандна порака на доминантната класа како природен факт што не може да го заобиколиме, имитириајќи ги трагикомично доминантните и сосема природно, ги следиме во параден чекор, како шатки, сѐ до МОМА, дури и кога таму да правиме недозволен перформанс, сакајќи да го докажеме приматот на уметникот врз институцијата.
Оттаму, уметноста како вредност, како уметничко дело со чија вредност се спекулира или се одредува според бројот на квадратните центиметри кои што колекционерите фебрилно ги складираат со некаква анална фиксација, е оној дел на уметноста што оди во прилог на статусот кво, во прилог на доминацијата на доминантните. Неколку пати сум бил изненаден кога некој уметник, инаку противник на институционализираната уметност, ќе помисли на глас зборувајќи пред жена му за некое дело, предложено на таа или таа лицитација: „да го купев, ќе беше тоа добра инвестиција“.
Не мислејќи на експропријацијата на експропријаторите, туку на еден конкурентен „систем“ на конвертабилни вредности, коишто ја обезвредуваат нивната акумулирана вредност, и за кои што нема ниту место ниту време сега да правам скици набрзина – веќе постојат. Почнувајќи со маргинализацијата на маргинализаторот. За да, можеби наскоро, отвориме една спекулација за нековертибилната вредност.
И наспроти тезата на Харт и Негри, во нивната книга „Империја“, која што беше поздравена како нов комунистички манифест, хоризонталната комуникатибилност на нашите напори да го разбереме и промениме системов, едноставно постои. На системски етаблираната „вистина“, уметноста не ја спротивставува својата вистина или сомнежот во веќе воспоставената, туку двоумењето во сопствените теории и пракса, како и својата „Весела Наука“. Наместо хегемонијата на сопствените вредности, уметноста ја воспоставува инфантилната позиција на уметникот или филозофот… (иако позицијата наспроти „силниците на овој свет“ го води кон елитистичка, „тешка мисла“ (види Серл за тешките текстови на Фуко и Бурдје) и „тешка уметност“ (види White Cube од Брајан О’Доерти) со која сака да поинаку да ја вреднува својата апостериорност, игривост, несериозност – да набројам неколку „гревови“ на креативноста. Уметникот, во било каква „инкарнација“, не може да биде курир на „општите вредности“, бидејќи само една диктатура ги претставува своите вредности како општи.
Порано можеби луѓето не се ни осмелувале да мислат слободно; еден византијски теолог, а и Кјеркегор, зборуваа дека луѓето се плашат од филозофијата како од бабарога што ќе ги украде и однесе некаде. Денес сакаме да мислиме слободно, не плашејќи се ниту од лудилото или нечитливоста, само што е неопходно да се ослободиме барем од извесен број на слепи точки.
Точка на топење
Отпрвин, погрешно прочитав Melting Pot. Pot или точка – за да привршам набрзина со пишувањево на текстов, само ќе насочам на точката како сингуларитет, нешто како Биг-Бенг, пред кој ништо не можеме да замислиме. Некои футуролози и трансхуманисти предвидуваат еден таков биг бенг, една таква точка во иднината, блиската иднина, да бидам попрецизен, позади која што веќе ништо не може да се предвиди. Веќе се наоѓаме во епоха каде што брзината на промените во општеството ја оправдува потребата на Иља Еренбург за книги што се пишуваат за една секунда, како би биле во дослух со времето. Тоа веќе го спомнавме, па ќе завршам со констатацијата дека сите предности што било кој денес ги има, во однос на пристапот кон информациите и проактивните униформации, ќе бидат анулирани со појавата на вешташката интелигенција, којашто веќе има име – Ватсон – ама уште не е доволно интелигентна.
Точката на топење е очекувана меѓу 2030-та и 2050-та.
Провокација
„Тоа што можам да го примам од друга душа, не е инструкција, туку провокацијата вели Ралф Валдо Емерсон. Провокацијата не е само манипулација, вокатив или средство за привлекување внимание. Провокацијата има две други, постари и спротивставени значења. Предизвик, како повик на двобој, но во римската антика била и институционализиран повик напомош.
Оружјето на Масовната Провокација веќе го спомнавме. Леталното оружје ми е посебно интересно, бидејќи во повеќе текстови налетав на информацијата дека кога е рамноправно пристапно, станува услови фактор за егалитарно или демократско општество. Правилата се занимливи. Кај примитивните општества, на пример, „уставно“ ги убиваат само агресивните лудаци. Ако си агресивен, или сакаш да искористуваш други, ќе те предупредат, па ако си упорен, ќе те протераат, ќе те исклучат – иди прави што сакаш на друго место и сам. Ако си луд, нема проблем, ќе те хранат, а можеби и ќе испееш некоја откачена песна, а ако е добра може и шаман ќе те направат. Ама ако си луд и агресивен, непредвидливо опасен, нема советување, развод, нема чаре, нема филозофија.
Да завршам со една бизарна приказна. Ако не си психоаналитичар, па и тогаш, веројатно нема ништо подосадно од тоа да слушаш туѓ сон – доволна причина да раскажам еден:
Пред некои десет години, сонував еден висок, постар, со бела брада човек, што како да се бранеше пред некаков суд, а јас пак, како да бев записничар. Тоа што свечено ми го издиктира ме разбуди, и пред да се вратам во кревет, го запишав јасно и прецизно:
„Филозофскиот текст е суверен текст. Со читањето на истиот другите филозофи му ја признаваат сувереноста, иако тоа признание на текстот не му е неопходно, бидејќи на таквиот текст другиот не му е потребен, затоа што филозофот го заменил другиот со текст, каде што го поучува слепецот што е слепа точка.
Ќе додадам дека филозофскиот текст е суверен проблем којшто се испишува од некоја одредена гледна точка и е дефиниран, лимитиран од слепата точка која е идентификувана, ама која што не припаѓа на некој алфабет на слепи точки, затоа што слепите точки не се изброени. Да се третира информацијата без филтери, то ест неограничено, е прескапо, затоа што е прескапо да се направи комплетен каталог на слепите точки.“
За постариот, со бела брада човек, имав впечаток дека е поет, што импровизира во небрано, странец некој, иако јасно му го видов лицето.
Да завршам уште еднаш: агресивните лудаци се идентифицирани. Ниту мислам, ниту повикувам на нивна физичка елиминација, или експропријација. Не за друго, не е ефикасно. Пол Пот проба, меѓу другите. Туку би сакал за потребите на еден проект, што исто така би бил дел од „Оружјето на Масивната Провокација“, да ми пратите, доколку имате, неколку „израубовани“ вибратори… ај да кажам, ќе се обидам да соберам повеќе од 20, а помалку од 100. Посетителите на изложбата би имале можност да одберат вибратор по сопствен вкус и да го пратат на некој политичар или банкар, по сопствен избор, а јас би се погрижил за поштенските трошоци. Ништо специјално не сакам да кажам со „акцијата“. Вибраторот е пораката.
„Глупав“ – addendum
Кога, поттикнат од мајка му, Албер Ками, на возраст од четириесет години го посетил гробот на татко му, контемплативно ја гледал фотографијата на својот помлад татко – затоа што загинал на фронт со дваесет и осум – „тоа дете, абсурдно убиено“. Веројатно некој поинаков вид тага би нѐ допрела ако некогаш сме се сретнале со нашиот постар поглуп татко, потажна од тагата која може да не опфати кога ќе се сретнеме со својот поглуп Господ. Кога ќе налетаме на поглуп политичар, не сме тажни, само ни е тешко и мачно. И не ни се зборува.
Интересно дека мајка му на Ками била глува.
Пред да прашам што точно значи зборот глупав, можам да прашам што точно значи зборот „точно“, знаејќи дека филолошката екскурзија ќе ми земе два саата пребарување речници, што често ми се чини сосема идиотски, за да напишам три реченици:
Зборот точно, како и Вуковиот русизам точка, потекнува од старословенскиот *tъknoti, исто како во српското такнути, што значи „да се допре“. Синтагмата „точно знаење“ е плеоназам и оксиморон истовремено (оксиморонски плеоназам е оксиморон), бидејќи знаењето, како збор, значи нешто да се фати во рака целосно, да се (с)фати или опфати (дефинира). Самата точност во точното, всушност е апроксимативна или, поточно, тангентална.
Што точно значи зборот „глупав“? – мислам дека имам добра стартна позиција да го поставам прашањето… Секој човек има омилени реплики од филмови или реченици од книги: јас веќе со години вртам фасциниран околу една забелешка на Делез, кој објаснува како воопшто јапанецот Куросава можел да го направи филмот „Идиот“, базиран врз романот на русот Достоевски – поради „над-националноста“ на некои карактерни црти на неговите јунаци? Имено, ликовите на Достоевски се често во стрес, во вонредна состојба, мораат некаде итно да стигнат или да се скријат, нешто под итно да направат, едвај се спасуваат… умираат или се (само)убиваат. Таа ургентна состојба, не ги спречува да се сопрат и ревно да разговараат со некој пријател, пиејќи чај со часови, за нешто што им се чини уште поургентно и поважно, нешто што не може да се одложи – да разговараат за смисолот на животот, на пример. Делез вели дека баш тоа е формулата за еден „идиот“. И дека скоро сите ликови на Куросава се такви, и дека тоа Куросава го научил од Достоевски.
Алфред Вајтхед вели дека филозофијата е серија на фусноти на делата од Платон. Некаде на средината, во диалогот Теетет, во еден дел што многу читатели го сметаат за дигресија, Платон ќе даде уште една „формула“ за особеноста што филозофите и уметниците ја поседуваат, а мене ме доведува во ситуација да додадам фуснота на една дигресија. Дигресијата започнува кога Теодор, соговорникот на Сократ, вели: Па, Сократе, нели ти се чини дека ептен имаме слободно време? Па се чини дека е така, пријателе – одговара Сократ, – и тоа нѐ прави смешни споредени со политичарите и правниците и повеќе личиме на робови отколку на слободни луѓе. Нам не ни пречи да разговараме на долго и на широко барајќи го точното знаење, а тие, додека зборуваат на суд, имаат записник што не им дозволува да прават дигресии и со едно око постојано погледнуваат кој им го краде времето што им е доделено (веќе клепсидрата, со која се одредувала должината на говорот на странките го содржи „крадецот“ во себе). „Нивниот говор секогаш е во врска со односот господар -роб, расправијата е кратка и животот на робот е во прашање.“
Ние на политичарите им сме смешни и „им го губиме времето“ со нашите текстови и дигресии. Смешни им сме што воопшто им се обраќаме, што ги повикуваме или предизвикуваме.
Значи, што значи точно зборот „глупав“? Глупоста е апстракт од зборот „глупав“, којшто има исто потекло со зборот глув. Глувиот и глупиот имаат заедничка точка: се оглушуваат на повикот. Згора, глупавиот би требало да биде отпорен на поучување, пропаганда или провокација. Веројатно не е сто посто отпорен. Но многу е напорен. Политичарот се оглушува на повикот на поетот, филозофот, уметникот. Последниве се оглушуваат на повикот на политичарот да бидат послушни. Глупоста е тешка и напорна во својот нем отпор, којшто не е во контра-аргументите, туку се содржи во некажаното.
„Интеллигентиков, лакеев капитала, мнящих себя мозгом нации. На деле это не мозг, а гомно.“ – е најкраток опис за тоа што еден политичар, Ленин во случајов, мисли за филозофот/уметник: не е мозок, туку гомно. Кратко и јасно. А во речникот на Петар Скок ќе најдеме дека зборот „гомнари“ се однесува на сиромашни деца. Се подразбира дека не сакаме да знаеме што точно значи гомното – што е многу, многу е.
На еден попрефинет начин, Цицерон ќе говори дека многу малку се разбира во уметноста, ќе се фали преправајќи се дека не ги ни познава имињата на најпознатите скулптори. Уметноста ја смета недостојна за Римјаните (читај: политичарите). Ќе ги споредува префинетите уметнички дела со детски играчки, подобни за разонода на несериозниот ум на Грците, коишто, во правецот на сопствената мисла, намерно ги нарекува „Грчиња“ (Graeculi).
Џорџ Вокер Буш нема да го „работиме“. Само ќе кажеме дека во едно видео Авитал Ронел ќе напомне дека Карл Маркс признавал три големи сили (Großmachts) кои се на дело во историјата: економијата, насилството и глупоста. Буш е редок примерок и парадигма на отеловена личност која ги соединува сите три сили во еден историјски дефиниран вектор. И баш му е гајле. Кратко и јасно. Но со безбројни емулации и рамификации.
Глупавоста не е анти-интелектуалност. Некои диктатори ќе го негуваат имиџот на сопствената рустичност – Сталин ми паѓа на ум – но ние, општо земено, ја потценуваме политичарската анти-интелктуалност. Воопшто не се работи за интелигенција или нејзиното отсуство, туку за политичарскиот увид во ползата „интелектуалните преџвакувања“ јавно да се омаловажуваат – во полза на „здравиот“ разум, на пример. Елвин Лим, во својата книга „Анти-интелектуално Претседателство“ тврди дека и Бил Клинтон бил таков, вешт, претседател.
Наместо да продолжам на долго и на широко зошто „ вештите“ нѐ сметаат за : идиоти, робови, гомна, смешни и сиромашни деца… или поинаку кажано – „Грчиња“! – можеме да се сретнеме во еден незгоден текст „што да се прави?“