KOOPERACIJA » кооперација http://www.kooperacija.info Fri, 22 May 2015 13:31:58 +0000 en-US hourly 1 http://wordpress.org/?v=4.1.5 Арена на отпорот, текст на Искра Гешоска http://www.kooperacija.info/2013/06/11/arena-na-otporot_tekst-na-iskra-geshoska/ http://www.kooperacija.info/2013/06/11/arena-na-otporot_tekst-na-iskra-geshoska/#comments Tue, 11 Jun 2013 20:54:28 +0000 http://www.kooperacija.info/?p=1103  

“Културата, значи, не е црешна која се наоѓа на врвот од колачето на историјата: таа секогаш одновно е место на конфликт каде што историјата добива форма и видливост во самото срце на одлуките и постапките, колку и тие да се варварски или примитивни.” GEORGES DIDI-HUBERMAN

Збор – два за читањето на културата

Доколку сакаме да проговориме за форматите на отпорот, за спротиставувањето во однос на експлицитните и имплицитните модели на корумпираната моќ која владее и го монополизира  просторот на културата, созадавјќи лажна, фасадна култура, култура на кулиси зад кои има испразност и покорност (а културата и уметничкото творештво имаат обврска да бидат непокорни), тогаш треба да проговориме за вонинституционалните, независни облици на дејствување во социо-културниот простор. Уште Антони Грамши говореше за тоа дека културата треба да се сфати како „арена на отпор, спротиставување и преговарање“.

Но, во земја како Македонија, каде што културата се чита низ кодовите на веќе сосема анхроното дејствување, „елитно“ креирано од центрите на моќ и од херметичните институционални формати, и каде што таа е пред сè со поданички предзнак насочен кон идентитетски инженеринг, не е лесно да се примени дефиницијата на Грамши. Ниту, пак, е лесно да се артикулираат параметрите на квалитетниот, развоен и динамичен социо-културниот простор. Уште потешко е да се дадат одредници за тоа како и според кои критериуми ќе ги вреднуваме уметничките подвизи и сферата на културата како интегрален дел на политичкото.

Творечкиот ангажман на умтеникот и на културниот работник, доколку сакаме да пулсираме со динамиката на современите културни практики, но и доколку ја погледнеме историјата на уметничкото и културното творештво, нужно мора да биде двигателната навртка преку која ќе се воспоставува дијалог, разговор, критика со и на општествената стварност. Ако се обидеме и си дозволиме да проговриме во малку повисоките јазични, мисловни и емотивни регистри, би можеле да кажеме дека уметничкото творештво постојано треба да ги насочува своите едра кон пловидбата на промената, на „револуционерниот“ порив, на начелата на спротиставување на опортуното, конфорното, со цел да поттикне создавање на нова граматика, нова синтакса во историјата на уметноста но и во историјата на општествените промени. Постои една двонасочна линија помеѓу уметноста и политиката, помеѓу естетизацијата на политичкото, помеѓу уметноста и социјалниот ангажман. Токму затоа, мораме да прифатиме дека уметноста, културата треба да ја пробие семантичката ограда на елитистичката „оаза“ и дека таа постои за одговорно да го обликува секој сегмент од секојдневниот живот.

Уметничкото дело не стои одделено од времето и контекстот во кое е „произведено“, туку тоа е во конфликт, во аргументација и во рефлексија со вистините кои се обидуваат да го обликуваат. Делото настанува во цврста релација со отпорот и коментарот на сознаеното, искуственото, промисленото општествено милје.

Збор – два за одговорноста на уметникот

Сето ова го покренува прашањето за одговорноста на уметникот. Колку уметникот има капацитет да ја понесе врз кревките плеќи својата творечка, политичка, општествена одговорност како некој кој создава не само дела туку со своите дела креира ставовови, политички релевантни позиции и се нурнува длабоко во рингот на јавната сфера. Уметникот станува централна фигура околу која се гради идентитетот на едно време, на еден државен апаратус.

На крајот од кариштата, уметноста е резултат на животот во државата како социјален продукт. Тоа значи дека естетското, етичкото и политичкото секогаш мора да одат рака под рака во процесот на создавањето на културното творештво.

Kooperacija-Debata-01

За иницијативата Кооперација и улогата на вонинституционалното дејствување

Овие размисли за културата, политиката и местото на уметникот се поттикнати од изложбата Каде се сите? и последоователната дебата Уметност и/или политика: Двојното кодирање како предизвик или парадокс?, со која го збогати нашиот речиси целосно девстиран културен простор иницијативата Кооперација.

На оваа нивна деветта изложба, која се одржа на 16 и 17 март, во напуштените мезанински канцеларии на Туристичкиот сојуз, со свои интервенции и дела учествуваа Игор Тошевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Дијана Томиќ Радевска, Оливер Мусовиќ, Христина Иваноска, Мирна Арсовска, Борис Шемов, Симон Узуновски, Ивана Драгшиќ, Игор Сековски, Никола Узуновски, ОПА, Владимир Јанчевски и Александар Спасоски.

Кооперација ги демистифицира и ги деконструира востановените односи на моќ во социо-културниот контекст. Авторите кои учествуваат во социо-уметничкиот ангажман на Кооперација, со своите дела и со своите акции упатуваат на тоа дека постојат повеќе вистини и нужни коментари на тие вистини кои учествуваат во обликувањето на културните значења. Тие укажуваат на тоа дека ништо не е универзално, дека историјата се случува сега и овде, а не некаде во некоја оддалечена точка на хоризонталната отсечка од времето и дека не постои еден и единствен формат за тоа како ќе се креира актуелноста наспрема историјата, особено онаа актуелност која критички ги бележи значењата и вредностите во културата и во уметноста. Иницијативата Кооперација не ги прифаќа хиерархиите во однс на темите, жанровите и форматите на изразување. Таа е искуство какво што можеби Македонија немала, или барем со децении немала – таа е храбар потег во орбитата на радикално независното, вонинституционално дејствување во јавната сфера омеѓена како уметничка и културна практика.

Доколку ја бараме автономијата на уметникот, неговата хибридност, неговата одговорност во однос на социо-културниот контекст, неговата политичка еманципираност преку критичкиот однос, неговиот подвиг да истрае сам во заедницата која го проголтува и не му дава легитимитет, да опстои и да го докаже своето присуство во политички фрагментиран простор, па дури и во таков што го деградира и игнорира, тогаш треба да го следиме животниот тек на Кооперација како парадигма за креативниот отпор. Кооперација смело се вткајува во нашата сегашност и остава трага за нашата иднина. Таа е сложен феномен вплетен во мрежа на поетички, политички, активистички, естетски и контекстуални разлики, кративни конфликти и постојани промени што ја одбележуваат динамиката на времето и просторите растргнати помеѓу слободата и форматите на моќ, кои тежнеат таа слобода да биде проголтана.

Кооперација е флуидна заедницаво која слободно пулсира во единството на разликите. Да, токму нејзе треба да ја земеме како указ, пример, дури би рекла и семинар за тоа како се воспоставува демократскиот принцип во микро и макро заедниците преку концептот на микроотпорот, кој се открива на капиларното ниво на општеството, во независниот културен сектор.

И затоа, нужно е да се препознае како капитален уметничко/политичко/активистички субверзивен акт кој едновремено постои паралелно со девстирачките законитости на општествениот и културниот систем во Македонија, но и далбоко се нурнува во неговото јадро создавајќи енклави и нови простори, сакајќи да го фрагментира, за да го пресоздаде.

А нам, повеќе од сè, ни е потребно ре-дефинирање и пресоздавање на затруениот социо-културен простор, преку вонинституционалните иницијативи.

 

Текстот е објавен во Економија и бизнис, март 2013

 

]]>
http://www.kooperacija.info/2013/06/11/arena-na-otporot_tekst-na-iskra-geshoska/feed/ 0