КАПИТАЛ

Колаборативен проект

Владимир Јанчевски, Филип Јовановски,
Игор Тошевски, ОПА, Ѓорѓе Јовановиќ

Локација: Бул.„Св.Климент Охридски“, бр.23 
          (локал на приземје), Скопје 
Отворање: 06.12.2012, четврток / 20:30

Проектот „Капитал“ е поддржан од Јадро – Асоцијација на независната културна сцена и Мелница Кадино

Денес, уметноста често е видена во контекст на пазарот каде уметничкото дело во голема мера функционира како стока. Но, додека производите за масовна потрошувачка се пласирани на пазарот каде нивната стокова вредност е во меѓузависност со нивната утилитарност, уметноста, особено преку нејзината над-материјална вредност, честопати е вон пазарната логика. Но, онаа уметност која се заснова врз критика на општествената стварност и при тоа применува не-традиционални и иновативни методи, кај нас честопати е дискредитирана како „елитна“. Нејзината егзистенција подразбира неопходна финансиска поддршка, без оглед на изворот. Со други зборови, културниот капитал е во тесна корелација со економскиот, кој пак најчесто е во рацете на владеачките елити.

Воскликот на Брехт, „Храна, па потоа морал“, наведува да го разоткриеме доминантниот дискурс на моќ кој секојдневно ја користи и злоупотребува културата доведувајќи го до крајна контрадикторност нејзиното основно (социјално) значење и димензија. Впрочем, дилемата леб или уметност“ е една од најдебатираните но, овој однос вклучува своевидна контрадикција. Имено, со цел да ја обезбедат својата позиција на економска и политичка моќ, владеачките елити, како доминатни дискурси во управувањето со социјалниот живот,се принудени да се откажат од елитноста“ во замена за поддршката на уметноста која е „поблиска до народот“.

Овој контроверзен, популистички пристап се пројавува не само во реториката на владеачките елити туку и преку нивните комуникациски стратегии и кампањи, особено кога станува збор за успешното придобивање на масите. Се пласираат ветувањата за поубава иднина во име на лебот и културата, без притоа да се понудат механизми како тоа да се изведе.

Уметноста секако не може да ги исполни овие ветувања. Напротив, таа нуди лаги, но во име на вистината. Од таму, КАПИТАЛ, како колаборативен проект се обидува да ги истражи токму овие врски преку поместување на естетското доживување кон дискурс на преиспитување на политичко-идеолошките и пазарните параметри како основа која директно влијае врз интегритетот на уметноста и на она што го конституира уметничкиот производ.

Јавните изложби, според КООПЕРАЦИЈА, меѓу другото, се и платформи за отворање на дебата за прашања врзани за односот пари/ уметност, но и за незаобиколната улога на оние слоеви во општеството во кои се концентрирани финансиите, а со тоа, и политичката моќ.

Кооперација

Проектот е дел од „Оправдано присутни – Искуства за слободата [настан за нула јавни пари]“ организиран од ЈАДРО Асоцијација на независната културна сцена.                             6 – 8 декември 2012

ОТВОРЕН ПОВИК ЗА СОРАБОТКА
КООПЕРАЦИЈА секогаш има потреба од нов изложбен простор. Доколку сакате да го промовирате Вашиот неотворен деловен простор, салон, магацин, стан или сакате да ја поддржите уметноста на било кој начин, КООПЕРАЦИЈА е тука за Вас