НА КОЊИТЕ ИМ СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

Отворање: 24.11.2014 (понеделник), 19:00 ч.; 
           разговор и презентација во 18:00 ч.
Локација: Ремонт Галерија, Маршал Бирјузов 7, Белград, Србија
Изложбата ќе трае до 29.11.2014

Игор ТОШЕВСКИ / ОПА (Слободанка СТЕВЧЕСКА и Денис САРАГИНОВСКИ) / Оливер МУСОВИЌ / Филип ЈОВАНОВСКИ / Никола УЗНОВСКИ / Ѓорѓе ЈОВАНОВИЌ / Владимир ЈАНЧЕВСКИ

Ремонт Галерија, Маршал Бирјузов 7, Белград, Србија

Ремонт Галерија, Маршал Бирјузов 7, Белград, Србија

Зачестените обиди за стеснување и укинување на просторот за отворена дискусија и видливите реперкусии врз секој анти-дисциплинарен чин, говорат за конкретизирањето на одамна воочената криза на рационалноста и бруталната инструментализација на нејзините комуникациски потенцијали. Тоа е тенденција која низ локалните квази-интерпретации и изразени авторитарни склоности маскирани како нужност, единствено може да не одведе во нова ера, која за обичниот граѓанин би била реална анти-хумана дистопија.

Уметниците се ставени пред сериозен предизвик како да го одбранат заедничкиот простор, бидејќи токму просторот на јавноста, е неопходниот услов за спроведување на демократијата. Овде, борбата за автономија не се однесува на автономијата на уметничката дисциплинарност во специфичноста на уметничките медуми и нивната внатрешна логика, ќорсокак до кој доведе модерната телеолошка концепција за уметноста. Напротив, таа се однесува на нешто многу побазично, многу попшто, а тоа е сувереното демократско право да се биде општествено активен, одговорен, да се изразува спремност да се предлага, да се критикува. Правото на мислење и аргументирана борба за сопствената позиција е основен предуслов за живот во заедница, дури и во целосно фрагментирана реалност, или во најмала рака, за непречено и рамноправно споделување на истиот физички простор.

Кооперација, поаѓајќи од премисата дека автономијата на современиот уметник е општествено условена се обидува да ја надмине позиција на маргинализираност и немоќ токму во јавната сфера, пречекорувајќи ги границите на светот на уметноста, и честопати спротивставувајќи се на симплифицираните пораки кои преку потврдено ефективните механизми секојдневно се емитуваат од центрите во кои се вкрстува политичката и економска моќ. Преиспитувајќи ја незавидната позиција на уметникот како парадигматска за непослушноста и отпорот, и непожелноста на каква било критичка мисла во општеството, со забележливи тенденции за постепено одложување, па дури и укинување на политичноста, уметниците во Кооперација, поединечно, но и низ континуирана соработка, се обидуваат да ги проблематизираат спорните вредности кои „галопирачки“ и без поширок консензус се дисеминираат низ културната инфраструктура во Македонија.

Преку изложбата „На коњите им се кратки нозете“[1] Кооперација прави пресек на досегашните обиди да се тематизираат и проблематизираат современите општествени феномени, преку лоцирање на точките на преклопување на критички ориентираната уметност и пропагандните механизми, како и опасностите и последиците од враќањето на големите нарации кои резултираат со неконтролирани националистички изблици. Авторите застапени на изложбата презентираат дела кои се (директна) реакција на еднонасочните инструментализирачки механизми и централизираните културни политики кои се причина за радикална поделеност на македонското општество и заострени конфронтации. Во делата, кои се документ на нивните естетско-морални позиции, авторите, отфрлајќи ја упростената иронична дистанца кон проблематичната стварност, истата ја проблематизираат искористувајќи различни, но сепак видливо конвергентни стратегии и постапки –  од отврена критика, до симулација на претерана идентификација, во обид да го разоткријат социо-политичкиот контекст и да го делегитимираат доминантниот, наметнат дискурс.


[1] НА КОЊИТЕ ИМ СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ – графити на зградата на Министерството за култура на Република Македонија кој се појави откако беа објавени моделите на првиот пар коњанички споменици од проектот „Скопје 2014“.
ОТВОРЕН ПОВИК ЗА СОРАБОТКА
КООПЕРАЦИЈА секогаш има потреба од нов изложбен простор. Доколку сакате да го промовирате Вашиот неотворен деловен простор, салон, магацин, стан или сакате да ја поддржите уметноста на било кој начин, КООПЕРАЦИЈА е тука за Вас