Континуитети и резови (Сецирање на чудовиштето) >>> okno.mk

(објавено на okno.mk на 06.08.2012)

Зашто ни се случуваат „Скопје 2014“ и дивјачката демонтажа на сите културно-општествени претпоставки кои до вчера (лабаво) го втемелуваа нашето општество, човек може да дознае и индиректно, на пример читајќи ги небулозите на Небојша Вилиќ за актуелната македонска ликовна сцена. Бедата на режимските, во културна смисла петокласни, извршители на визиите на пастирот станува многу појасна кога е јукстапонирана со бедата на овдешните професори и историчари на уметноста, од типот на Небојша Вилиќ. Плиткоста и незнаењето, од една страна, споени со опортунизмот и кукавичлукот на најодговорните за естетските, културно-политичките, историските и моралните прашања на нашето општество всушност, посредно, и ни го донесоа гламугрозниот спектаклук „Скопје 2014“. 

За небулозите на Вилиќ, кој на подмолен начин ја релативизираше цензурата врз едно уметничко дело, неодамна веќе напишав текст. Го пишувам вториов зашто истиот автор одново конфузно, напаѓајќи ги членовите на уметничката група „Кооперација“, нападна еден мој друг текст. Со оглед на неартикулираноста на Вилиќ (пред сè во областа на теоријата, но тој е скаран и со логиката и со повнимателното читање), нема да губам премногу време спорејќи ги неговите неповрзани квазитеориски афектации. (линк до текстот на Вилиќ) Од друга страна, доследноста на нападите на Вилиќ е индикативна во една поширока културно-политичка смисла. Затоа решив уште малку да се позанимавам со критичарските афектации на долгогодишниот професор и директор на Сорос центарот за современа уметност. Од подмолностите и произволностите на Вилиќ, значи, ќе се обидам, да извлечам троа мудрост на начинот на кој тоа го правеле Андриќевите Травничани кои „од тие лаги често можеа да извлечат зрно вистина, за коешто ни самиот измамник не знаел дека се наоѓа меѓу неговите лаги“.)

Најпрвин, за прашањето на „модерноста“. Вилиќ вели вака:

„Морам да повторам дека преиспитувањето на модернизмот во македонската ликовна уметност се одвиваше во втората половина на 80те и се затвори на почетокот на 90те години од минатиот век. Додека групата уметници, културњаци и философи околу чајџилницата „Галерија 7“ (дел од нив опфатен со името Група „Зеро“) го довршуваше доцниот модернизам во Македонија, една друга група сериозно се беше зафатила со преиспитувањето на модернизмот, а во духот на постмодернизмот: Александар Станковски (во своите масла на платно), Венко Цветков, Томе Аџиевски, Благоја Маневски, Станко Павлески, Жанета Вангели, Драган Петковиќ, делумно Димитар Манев, и, особено, Јован Шумковски. Токму тие во средината на 90те го затворија тоа преиспитување и продолжија понатаму. (cf. Вилиќ, 1994) Денес, после 17 години повторно да се зборува за преиспитување на модернизмот или за навраќање кон модернизмот, безмалку говори за задоцнетост во уметничката мисла. Со, тоа, овој аспект на Гелевски ќе го припишам на неговата неинформираност за работите што веќе одамна се случиле.“

Ова парче текст совршено зборува за во секоја смисла недостојните позиции на авторот. Најпрвин, одломката илустрира една тешко сфатлива ограниченост и кусогледост; преиспитувањето на модернизмот во македонската ликовна уметност траело три-четири-пет години и се затворило?! Претпоставувам дека тоа го направил лично самиот Вилиќ кон крајот на осумдесеттите и го затворил прашањето, заедно со „група македонски уметници“, во почеток на деведесеттите?! Ваквото критичарско шарлатанство може да се спореди само со „постмодерно-неокласицистичките“ дострели на СК014! Авторот покажува не само дека ништо не разбрал од модернизмот (особено не од модернизмот во поширока смисла), туку покажува запрепастувачки ситна суета буткајќи се себеси како некаков трансисториски авторитет и патем делејќи лекции. Вилиќ не само што не го разбира модернизмот, туку себеси се цементира (баш како „бесмртен“ груевистички споменик) врз некои одамна надминати предмодерни постаменти.

Затоа ќе потсетам на зборовите на Хауке Брункхорст од книгата „Солидарност“: „Во модерното европско општество и во неговата култура веќе нема место за оние институции кои сакаат да го задржат предмодерниот статус на интелектуален супервизор на општествените и политичките случувања. „Местото на интелектуалецот е поместено одозгора кон долу, од цврстите слоеви и ексклузивните класи кон променливите и инклузивните, но во секој случај принципиелно отворените групи; пред сè, меѓутоа, местото е поместено од средиштето кое го сочинуваат малобројните избраници на врвот на социјалната хиерархија, кон ексцентричната периферија на масовната култура.“

Затоа што не го разбира модернизмот (кој е темелот на сите „пост-изми“ и услов за разбирање на современата уметност) Вилиќ не може да ги разбере ни новите културни и уметнички форми. Та така неодговорно и површно Вилиќ продолжува да си тропа: „А каде е тука уметноста или во што Гелевски ја препознава/пронаоѓа како таква? „Социјално осетливи“ и „вмрежени“ се и „Распеаните Скопјани“, па сепак за нив (сè уште) не пишуваме како за уметност, туку ги сместуваме во еден поширок културолошки контекст. Оттука, не сум баш убеден дека кој било кооперат ќе се сложи да се префрли од подрачјето на уметничкото и да се вреди во подрачјето на културолошкото. А можеби и се лажам…“

Уметничкото наспроти културолошкото?! Ова е уште една од „теориските фрљоки“ на Вилиќ. Ако „Распеани скопјани“ мислат дека се уметност – тогаш тие се уметност! Не им треба никаков предмодерен авторитет да им го одобри правото на уметност! Башка, каква е таа сосема анахрона и непродуктивна сакрализација на уметноста?! И на тој план Вилиќ покажува колку длабоко не ја разбира современата уметност, комплет со нејзините модернистички претпоставки.

Значи, како историчар на уметноста или како културен теоретичар Вилиќ просто не може да се третира сериозно. Но, пак велам, во целава приказна интригира политичкиот момент и затоа ќе продолжам уште малку, допирајќи ги токму (откако ќе се симне тенката скрама на „културата“) соголените политички „жили и нерви“ на чудовиштето што го сецираме (да го наречеме современа македонска уметност?; не, тоа е претенциозно; нека си остане само метафората, само чудовиштето). Вилиќ вели:

„Наспроти ова негово мислење за „уличноста“ на „Кооперација“ и конечно, одговорно тврдам дека: повеќе уметност „на улица“ има во проектот „Скопски урбани приказни“, еве веќе пета година, на толку критикуваниот и омразениот ДЛУМ (кој, патем, институционално е здружение на граѓани или невладина организација) и толку непосакуваните куратори, отколку во сите досегашни пројави на „Кооперација“. Да не ја спомнувам и изложбата „Визуелни индустрии“ во организација на Градот и Градоначалникот на Скопје (sic!). Со тоа, паѓа носечката теза на Гелевски дека: „речиси сè што е квалитетно на македонската културна сцена се случува далеку од шепите на политичките терминатори на власта“…“

Изгледа дека во оваа (политичка) грмушка лежи зајакот. (Иако, спомнав и минатиот пат, ловот на Вилиќ изгледа како ловот на којотот по брзата птица итрица, оти прогонувачот постојано паѓа во стапиците наменети за посакуваниот плен.) Клучната работа што сака да ни ја објасни Небојша Вилиќ, значи, е дека во уметноста на груевистичките институции (комплет со онаа на Коце-часовничарот за кој самиот Вилиќ вели SIC!) „има повеќе уметност на улица“ (премерил Вилиќ) отколку кај „лажните алтернативци“ од групата „Кооперација“. Така, тажно и гротескно, Небојша Вилиќ го изоде патот од човекот што пред некоја година сакаше со динамит да ја руши кичерската Куќа на Мајка Тереза до денешен бранител на режимските културни политики кои целиот центар на Скопје го претворија во кошмарно кичерска сценографија за најевтин филм.

Наспроти Небојша Вилиќ, вечниот бранител на институциите и вечниот самопрогласен (а предмодерен) арбитар, моето мислење за сегашниов мрачен македонски миг, а поврзано со лажната дилема што ја наметнува Вилиќ, „институционална или улична култура“, е следно:

Во Македонија во моментов владее своевидна „молекуларна граѓанска војна“ (Енцесбергер), при што клучните државни институции (заедно со културните, се разбира) престануваат меѓусебно да се надополнуваат и веќе не се во состојба сите заедно да дејствуваат во насока на демократијата, во насока на заштита на граѓаните и на нивните основни човечки и демократски права. Во културна смисла во Македонија ни се случи еден агитпроповски (агитациско-пропагандистички) реализам, многу сличен на соцреализмот што се случи во Советскиот Сојуз или во Германија во триесеттите години: полето на идеологијата сосема го проголта полето на културата, заедно со сите други полиња. Вака вели рускиот теоретичар на литературата Михаил Берг во книгата „Литературократија“: „Ако масовната култура се самоодредува во областите на функционирањето и присвојувањето на културниот и економскиот капитал, тогаш соцреализмот се самоодредува во областа на прераспределбата на културниот и симболичкиот капитал. Полето на идеологијата тука не го голта само полето на културата туку и полето на економијата, што доведува до тоа социјалниот простор да добие инфантилни црти, а литературата, проголтана од полето на идеологијата, принудена е да симулира актуелност и да станува инфантилна.“ (линк до целиот текст)

Дека кај нас идеологијата ги голта сите полиња почнаа да согледуваат сè повеќе културни актери. Небојша Вилиќ тоа не само што не сака да го види и не само што арогантно, неконтролирано и нервозно дели шамари на сите страни, туку, и тоа е најпоразително, жолчно ги брани дострелите на погубните груевистички културни политики. Ја прифатив полемиката со него токму поради она што ми се чини како главна тема на препискава: односот спрема режимските културни политики.

За пред крај, во обид да му го намалам просторот на Вилиќ да ги фалсификува моите клучни тези за релацијата меѓу уметноста и политиката (никаде не сум ги повикал уметниците да излезат на улица; напротив, во мојот текст за „Кооперација“, следејќи ги изложбите и заложбите на групата, токму ги релативизирав „просторите каде што се случува уметноста“), уште еднаш ќе го повторам своето верување дека културните, естетските и демократските критериуми се слични. Активностите поврзани со уметноста претставуваат карактеристики што го симболизираат демократскиот живот; и обратно, клучните идеи во историјата на либералната демократија мошне се корисни при продлабочувањето на уметничката практика и естетските судови.

Исклучително ми е важно согледувањето на француската теоретичарка Жоел Заск која вели вели дека политиката често кај уметничките практики ги открива точките каде што тие од креативни преминуваат во конформистички; додека уметноста, пак, на политиката ѝ го покажува моментот кога таа од слуга станува господар, дури и џелат. Ако треба да исчекориме од политиката за да можеме да ја оцениме и насочиме, сугерира Заск, тогаш исто така треба да се излезе и од уметноста, за да ја поттикнеме.

Согледувањата на Заск ќе ми послужат за последната теза денес, поврзана со прашањата: што е „независна уметност“ и каков е односот помеѓу „институционалната“ и „алтернативната“ култура. Овие прашања Вилиќ ги релативизира до неподносливост, иако одговорите на тие прашања се важни и за локалното и за глобалното (себе)позиционирање. Во својата книга „Демократијата и уметноста“ Заск вели дека идеалите на созревањето, еманципацијата и индивидуацијата се заеднички и за уметноста и за демократијата.

Врз основа на оваа реченица ќе се обидам да исконструирам една полемичка теза. Ќе се држам до генерациските рамки и до уметниците што ги спомнува и Вилиќ, но моите намери во случајов се палијативни и илустративни; немам претензии кон поконсеквентни класификации. Во нашиот македонски контекст, значи, ми се чини дека творештвото на Игор Тошевски, Ацо Станковски или теоретичарката на уметноста Сузана Милевска, од една страна, културно (а богами и уметнички) е порелевантно во однос на творештвото на Благоја Маневски, Јован Шумковски, Антонио Мазневски или историчарот Небојша Вилиќ, од друга страна. Зашто мислам така? Затоа што првоспомнатите наспроти вториве се поавтономни во однос на локалната академско-економска моќ, поиндивидуализирани и понезависни од актуелните агенди на државата и нејзините институции и со самото тоа се и поеманципирани во однос на продукцијата и рецепцијата на културните дела ( додуша, Ацо Станковски последниве години стана идеолог на антиквизацијата, но сакам да верувам дека тоа го прави од пркос или лудило, а не зашто е корумпиран од фараонскиот режим).

Кон претходно реченото ќе надоврзам една за мене мошне важна реченица на Агнеш Хелер: „Демократската нација настанува во радикален дисконтинуитет со својата сопствена историја“. Реченицата на Хелер, освен историско-политичките, има интересни културни импликации. Ми се чини дека „независната“ (или „алтернативната“) уметност и култура повеќе инсистираат на дисконтинуитет, особено во однос на националните канони. Заради тоа мислам дека преиспитувачите и бунтовниците во нашиот културен контекст се поважни од „институционалните наследници на континуитетот“. Се разбира, тезава е неразвиена и во една соголена форма фрлена е повеќе како полемичка провокација; прашањата на (дис)континуитетите се поврзани со прашањата на (де)територијализацијата (Делез) и во суштина се мошне комплексни. Башка, дури и во една олку поедноставена теза можни се исклучоци (на пример, самиот Станковски е парадоксален исклучок од тезата, иако тој себеси веројатно се гледа како носител на вмровските „сили на дисконтинуитет“, без да забележи дека антиквизацијата е пропагандистички (соц)реализам, своевидна гламуризација на примитивизмот). И покрај сè, сепак ми се чини дека темата на (дис)континуитетот е значајна за нашиот контекст во кој прашањето за радикалниот рез е можеби најважното политичко и културно прашање во моментов (тоа требаше да биде драматично прашање 1991 година, но овдешните доцнења се трагично хронични). Според мене, да заклучам, антиквизацијата е продолжување на комунизмот но овојпат со соцреалистички средства. Антиквизацијата е освета на националистичките комунисти спрема модернистичките комунисти. Затоа во новиот необолшевички национализам толку добро се снаоѓа мнозинството од некогашните комунистички дрматори во сите сфери, од полицијата до културата.

Ете, од тие причини сомнителна ми е одбраната на режимските институции од страна на Небојша Вилиќ, но уште посомнителни ми се повеќето македонски државни институции во моментов впрегнати за една единствена цел: глорификација на пастирот (не на групата „Кооперација“, Небојша!), на преродбата и на божем новиот македонски национализам. Груевизмот во моментов се обидува да се инсталира како „нормализација“ и како „нов канон“. А имам впечаток дека Вилиќ, како прототип на еден „просечен македонски културен работник од институција“, отсекогаш бил по нормализацијата и каноните. Јас сум повеќе по настанувањето демократска нација, т.е. за радикалниот историски рез.

Никола Гелевски

ОТВОРЕН ПОВИК ЗА СОРАБОТКА
КООПЕРАЦИЈА секогаш има потреба од нов изложбен простор. Доколку сакате да го промовирате Вашиот неотворен деловен простор, салон, магацин, стан или сакате да ја поддржите уметноста на било кој начин, КООПЕРАЦИЈА е тука за Вас